Балкан
16. October 2017 - 8:45

„Велт ам Зонтаг“: Грција дава лажни податоци за бројот на мигрантите

Германскиот весник „Велт ам Зонтаг“ ја обвини Грција дека ги фалсификува податоците за бегалците и мигрантите и воедно тврди дека Бугарија се претвора во се позначајна транзитна земја на балканската рута.

Според весникот, секој месец во Германија пристигнуваат по 15.000 нови баратели на азил, и тоа најголем дел од нив доаѓаат преку балканската рута, и покрај тоа што таа се смета за официјално затворена.

„Велт ам Зонтаг“ пишува дека засилената контрола на македонско-грчката граница довела до создавање на други алтернативни рути по воздушен пат и преку турско-бугарската граница.

Повикувајќи се на извори во Европската Унија, весникот тврди дека Грција дава невистини податоци за бројот на бегалци и мигранти кои се уште се сметени на нејзина територија.

Додека Грција тврди дека нивната бројка изнесува над 62.000, весникот пишува дека реалната бројка е поблизу до 40.000, ако се земе предвид бројот на оние кои го продолжуваат патот кон Германија и другите земји во Европската Унија.

Тука, според „Велт ам Зонтаг“, влегуваат и новопристигнатите бегалци и мигранти во Грција, кои се проценуваат на 20.000 лица од затворањето на балканската рута.