Македонија
25. July 2017 - 16:29

Три институции го испитуваат случајот со градинката во Чаир - ИВЗ децидна: Верска настава само со дозвола на ИВЗ

Работењето на чаирската градинка „Блета “ е под лупа на државните институции. По објавените слики и видеа во медиумите за индоктринирањето на деца од предучилишна возраст, градинката е затворена. Сопствениците на објектот кој се води како  Фондација за образование, култура и хуманитарна помош се недостапни за одговор.

По објавените видеа и фотографии на кои се гледа како група од 20тина  деца на возраст од 6 до 11 години со две наставнички биле затекнати во приватна куќа како прават верски обреди, поклоненија и други верски молитви, министерството за труд и социјална политика веднаш изврши инспекциска контрола. Беше утврдено дека истата работи без соодветно решение за работа на предучилишна установа за деца. И децата и наставничките потврдиле  дека тука се одржува настава со верски обреди од 11-16 часот секој работен ден. Од труд и социјала и вчера повторно  извршиле вонреден надзор на објектот кој се наоаѓа на ул. 173 во Скопје.

  - Во посочениот објект не биле затекнати деца, ниту пак вработени лица, а надворешниот изглед и уредувањето на дворот, упатуваат дека таму се одвивале активности од воспитувачко-згрижувачки карактер.стои во соопштението од министерството за труд и социјална политика.

Градинката не е заведена во регистарот на установи за деца при министерството ниту пак во регистарот на јавни и  приватни градинки. Регистрирана е во 2012 година има повеќе сопственици и се  води единствено како Организација Мустафа Паша. Верска настава е спротивно на законите за образование во РМ и ги крши уставните одредби на секуларната држава. На барање на министерството за труд и социјална политика, случајот  го истражува и полицијата.

Надлежни за изработка на програма за настава во предучилишна возраст се бирото за развој на образование. За градинката не е изработена ваква програма, а по најавените инспекциски контроли од МОН се уште нема одговор што се работело во оваа установа.

Без дозвола од исламската верска заедница ваков вид организација не смее да постои вели поглаварот на ИВЗ. Претседателот на ИВЗ Сулејман Реџепи остро го осуди постоењето на градинката и најави дека институционално ќе се спротистави на настава која е спротивна на Уставот и законите.

„Без наша согласност тоа не може да го направи никој и не смее да помисли за такво нешто. Ние нема да дозволиме некој несвесно да ни ги зарази децата. Колку е тоа информирање и едукација, толку може да биде и труење. Јас ви гарантирам и им велам на оние, дека со сите тела на ИВЗ едногласно се спротивставуваме“

Од МВР соопштија дека имајќи ги предвид  добиените информации постапуваат согласно процедурите и законските прописи кои налагаат понатамошно испитување на одредени сознанија.

- РМ е мултиетничка и мултиконфесионална држава во која правото на слобода на изразување на религиозна и етничка припадност е загарантирана. Сепак соочени со зголемените трендови на обидите за радикализација на младата популација МВР во соработка со други надлежни институции презема мерки и активности за превенција од радикализација наменети за ранливи групи, со посебен акцен на учениците и децата од предшколска возраст, стои во соопштението од МВР.

За случајот со градинката БЛЕТА реагираше и првата детска амбасада МЕЃАШИ. Оттаму велат ,

- Според информациите кои неофицијално ги добивме станува збор за здружение на граѓани кое во рамките на своите активности има Едукативен центар за деца од предучилишна возраст ,,Bleta” и во чии рамки меѓудругото спроведува верски ритуали. Децата кои го посетуваат центарот се деца на родители кои практикуваат ислам. Родителите самоволно и по свое лично убедување ги праќаат децата во тој центар и имаат сознание дека тука освен друго се учат и основните верски одредби.

- МЕЃАШИ наведува дека децата согласно Конвенцијата за правата на детето имаат право на слобода на мислење, совест и вероисповед и државите членки се обврзани да го почитуваат истото. Во членот 18 од Конвенцијата за правата на детето меѓудругото се вели дека за се што се презема за детето и во негов интерес, одговорноста ја имаат родителите. Од детската амбасада сметаат дека државата треба да направи регистри за сите дневни и едукативни центри во рамките на граѓански здруженија и да обезбеди следење на програмите на истите.

За градинката БЛЕТА која се наоѓа на територија на општината Чаир,  неколкупати се обидуовме да побараме одговор и од градоначалникот Изет Меџити но тој не одговара на повиците  на својот мобилен телефон.