Македонија
14. February 2018 - 16:36

Трае истрагата за смртта на македонските планинари, семејствата бараат одговорност

Грчката полиција се уште ја води истрагата за трагично загинатите планинари на Кајмакчалан. Телата на починатите се пристигнати во Македонија по извршената обдукција во болница во Солун. Првичните резултати како што објави Сител, покажале дека планинарите починале од хипотермија. Основното јавно обвинителство ги очекува извештаите од истрагата и обдуктивниот наод по што  ќе донесе одлука за отворање постапка за случајот.

Семејствата на загинатите вчера преку писмо во медиумите побараа одговорност од огранизаторот на планинарската тура од друштво „Трансферзалец“.

- Навистина е згрозувачки повикот на квази планинарското друштво „Трансверзалец“ од чие дилетанство, кое се граничи со умисла, загинаа нашите две деца Калина и Александар. Цели три дена од нив не чувме јавно извинување или барем некаков израз на сочувство за прерано трагично изгубените животи. Наместо тоа, друштвото што ја организирало оваа тура под водство на некаков си самопрогласен водич Зоки Москито (за кого се сомневаме дали воопшто има лиценца за организирање тури во зимски услови, но за кого сме сигурни дека нема физички и интелектуални капацитети да води луѓе ни до Средно Водно), безобразно повикува на молк и на гушење на слободата на изразување.

Од семејствата се прашуваат дали некој од државните власти ќе се заинтересира на кој начин овие друштва функционираат и дали некој води евиденција за ваквите тури.

Од Федерацијата на планински спортови најавија во петок дека ќе донесат заклучок под кои околностите настанал трагичниот настан. Писмено изразија  жалење и сочуство до семејствата и сите планинари. 

- Комисијата ги очекува сите релевантни податоци од надлежните институции во Република Македонија и соседна Република Грција, како и официјалните податоци од организаторот на планинарската експедиција. Од огромна важност за Федерацијата ќе биде да се направи темелна анализа за трагичниот настан.

Истрагата ќе треба да даде одговор на многу дилеми.  Сител како што дозна од добро упатени извори,со  планинарите извесно време откако се загубиле се контактирало на мобилен телефон,  кога еден од нив јавил дека се наоѓаат во близина на некоја карпа. Нивните тела се пронајдени на неколку метри од врвот на планината. Телефонскиот листинг ќе покаже кога за прв пат е побарано помош но и кога за последен пат некој со нив разговарал на мобилен телефон.