Македонија
18. јуни 2017 - 16:20

Таравари најави измени во „Мој термин“ - лекарите подолго ќе седат во ординација

На секоја клиника ќе биде различно времетраењето на прегледот во специјалистичка ординација. Колку  пациентот ќе се задржи кај лекарот ќе зависи од патологијата на болеста.

Според информациите на Сител, на пример, на Клиниката за детски болести преглед на дете на онколошкиот оддел треба да трае половина час. На Гастро 20 минути, а на пулмолозите во истата установа ќе им бидат потребни 15 минути да утврдат дијагноза кај болно дете.

Измените во системот Мој Термин уште првиот ден од влегување во кабинетот ги најави новиот министер за здравство. Таравари неделава имал средба со директори на здравствени установи за евентуални сугестии од нивна страна.

-Веќе се преземени првите чекори, се работи во ИТ екипата. Намерата секако е да с еподобри системот и за пациентите и за лекарите. Повеќе делови ќе се сменат., Ќе се поедностави системот, но ќе го презентираме тоа кога ќе биде готов пакетот на услуги, вели Арбен Таравари, министер за здравство

 Со зголемување на времетраењето на еден преглед, најверојатно специјалистите ќе бидат по два дена во неделата во амбуланта. За електронското закажување на прегледи Таравари наредната недела ќе разговара и со Лекарската Комора, од каде, пак, се изјаснија дека не се доволни 15 минути за пациент кој прв пат влегува во ординација.

Системот МојТермин беше воведен во средината на 2013 година.