Македонија
23. March 2018 - 11:40

Светски ден на водите 2018 - Одговорот е во природата

Над сто посетители синоќа присуствуваа на уникатниот твитап настан во Скопје, чија цел е да ја подигне јавната свест за значењето на водите и важноста од усвојувањето на решенија засновани на природните процеси во надминувањето на предизвиците поврзани со управувањето со водите.

На настанот #ЈаСакамПреспа организиран од страна на УНДП, Швајцарската агенција за развој и соработка и холандската Амбасада, беше прикажан наградуваниот документарен филм „Езеро од јаболка“, што прикажува еден многу успешен пример на управување со водите преку примена решенија засновани на природата, што своја примена може да има и на многу други места, соопшти канцеларијата на УНДП во Скопје.

Постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон ја нагласи важноста на решенијата засновани врз природните процеси.

- Преспа ни покажа дека решенијата засновани врз природата имаат потенцијал да решат многу од предизвиците. Потребно е да применуваме зелена инфраструктура секаде каде што тоа е можно. Пошумување, поврзување на реките со нивните поплавни рамнини и реставрација на блатните системи - сето тоа ќе помогне да се балансира циклусот на вода и да се подобри здравјето на луѓето, истовремено заштитувајќи ја животната средина, рече Винтон.

Техада

Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада рече дека „да се работи со природата, наместо против неа, отвора можност за поефикасна, поконкурентна и позелена економија“.

- Со унапредувањето на околината, при што воедно корист има економскиот развој, со проектот во Преспа кој беше поддржан од Швајцарија, поставен е пример за ефикасноста на решенијата засновани на природа. Со нетрпение ги очекуваме резултатите од ваквиот пристап преку спроведувањето на нашиот нов проект кој треба да ја подобри отпорноста на Полошкиот регион кон поплави, рече Техада.

Пломп

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп во својата изјава на настанот ја истакна големата важност на водата и потребата да се заштити овој скапоцен ресурс.

- Водата е во ДНА-та на Холандија - таа е клучен елемент на нашата историја, економија и култура. Таа не научи на една мошне важна лекција - мораш да бидеш пријател со водата и мораш добро да се грижиш за неа. Македонија има среќа што има прекрасни езера и реки и многу сум среќен што можам да го одбележам Денот на водите и сите ваши напори да ги зачувате и промовирате овие природни богатства, рече Пломп.

И глобалната тема на овогодинешниот Светски ден на водите е „Одговорот е во природата”, што го става фокусот на светско ниво токму на изнаоѓањето на начини да се исползува природата во надминувањето на актуелните предизвици во 21 век.

Програмата на УНДП за зачувување на водите на Преспанското Езеро покажа извонредни резултати - над 80 отсто од локалните фармери применуваат подобрени агро-еколошки практики, користењето на водата за наводнување е намалено за речиси 60 отсто, користењето на пестицидите е намалено за 30 отсто.

Натаму намален е внесот на нетретирани отпадни води и цврст отпад во природните водни тела, како резултат на тоа значително е подобрен квалитетот на водите, а значително е подобрена и состојбата со на автохтоните видови на риби во езерото, се додава во соопштението на УНДП.

Главната цел на оваа долгогодишна програма на УНДП, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка е да се обноват и заштитат природните функции на екосистемот и да се заштити биодиверзитетот, овозможувајќи притоа земјоделците од регионот да имаат достоинствена заработувачка. Преку оваа програмата решени се некои од најголемите предизвици од областа на животна средина преку изградба на системи за управување со отпадните води и цврстиот отпад, воведување на одржливи земјоделски практики подобрување на шумската покривка и подобрување на заштитата на загрозените живеалишта.

По повод Денот на водите 22 март, мрежата на нво ПреспаНет во која членуваат организации од Македонија, Албанија и Грција, ги потсетува властите во сите три земји дека со меѓудржавната соработка која почна пред повеќе од десет години, со Декларацијата на Премиерите за воспоставување на прекуграничниот парк Преспа во 2000 година, трите држави се договорија да ги координираат своите активности за интегрирано управување со речните сливови врз основа на ЕУ легислативите.

ПреспаНет, како што соопшти, ги потетува властите во трите држави дека треба да преземат акција и да управуваат со водните  ресурси во рамките на нивните природни граници,  да поттикнат соработка и прекуграничен дијалог за важни прашања, да го зајакнат партиципативното управување со водата, како и да спроведат конкретни мерки и активности на национално и прекугранично ниво.