Македонија
28. March 2016 - 16:05

Стратегијата за развој на приватното обезбедување во Македонија

Актуелизирање на јавно-приватните безбедносни партнерства, дефинирање на опасностите од загрозување на безбедноста, ефикасноста на приватниот безбедносен потсистем како интегрален дел на безбедносниот систем..., се дел од нацрт стратегијата за развој на приватното обезбедување во Македонија која денеска беше презентирана во Комората за приватно обезбедување на РМ.

Претседателката на Комората Верица Милеска-Стефановска појасни дека Стратегијата за развој треба да ја констатира реалната состојба во секторот приватно обезбедување и да направи поврзување на сите релевантни субјекти од приватниот, државниот, академскиот и невладиниот сектор, со цел изградба на модел за развој на приватната безбедност во Mакедонија.

- Овој стратешки национален документ ќе укаже на значењето на приватното обезбедување, применливоста на постоечката регулатива и потребата од дооформување, истакна  Милеска-Стефановска.

Според неа, средбата со претставниците на медиумите има цел да се претстават идеите, нагласени во Стратегијата, но и да се разменат мислења за, како што рече, да се обезбеди стручен и квалитетен придонес на медиумите во процесот на изработката на Стратегијата.

Професорот на Факултетот за безбедност Марјан Ѓуровски порача дека Стратегијата е потребна поради професионализација, стандардизација на вршителите на дејност, гаранција за квалитет на услугата, поврзување на јавно-приватниот-граѓански сектор, како и за хармонизација со современите трендови во регулатива и пракса.

- Визијата и главната цел на оваа Стратегија е развој на приватното обезбедување во функција на изградба на оптимален, стабилен и одржлив современ безбедносен систем во кој составен дел е  приватната дејност, истакна Ѓуровски.

Нагласи дека Стратегијата треба да претставува систем за национална безбедност, односно, како што рече, изградба на современ интегрален безбедносен систем во кој приватното обезбедување ќе биде составен дел на современиот безбедносен систем на Република Македонија во функција на зајакнување на превентивната дејност.

Според Ѓуровски мисијата на работната верзија на Стратегијата е создавање правно-институционална рамка која ќе овозможи поттикнување на механизми за изградба на оптимален модел за развој на приватното обезбедување.

Стратегијата ќе се однесува за период 2016 - 2020 година, а ќе се изработи за време од пет месеци. 

Согласно податоците на Централниот регистар во Македонија има околу 5.300 работници кои вршат обезбедување во вид на давање услуги, а според евиденцијата на МВР кај овие правни лица има 570 парчиња оружје.