Свет
27. September 2016 - 8:54

Стејт департмент: Ситуацијата во Алепо ја турка опозицијата во прегратките на терористите

Американскиот Стејт департмент соопшти дека ситуацијата во сирискиот град Алепо ја турка „умерената“ опозиција во рацете на терористичката група „Џебхат ал нусра“, пренесе ТАСС.

Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, изјави дека „реалноста во Алепо - со обновување на воздушните напади, борбените дејствија, офанзивата на владините сили - ја турка умерената опозиција во прегратките на „Џебхат ал нусра“.

- Тоа само го потхранува екстремизмот, изјави Тонер.

Според него, опозицијата се обидува да се „заштити“.

Тонер изјави дека САД ги продолжуваат преговорите со групите на „умерената“ опозиција и на нивните претставници им ги објаснуваат деталите на Женевските договори.

Тој забележа дека САД „ и натаму водат преговори со Русија за враќање на довербата во  процесот на примирје во Сирија“.

Според него, доколку Москва даде „сериозни предлози“, Вашингтон „ќе ги сослуша и разгледа“.