Спорт плус
29. May 2017 - 17:44

Стефановски на прием во АМС

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески организираше прием за најдобриот автомобилист во Македонија, победникот на една од трките од Нирбургринг одржани во саботата. Со новите бодови (18) Стефановски има 33 бодови, или 11 помалку од водечкиот во генералниот пласман Кристјоханес Шрајбер и 10 помалку од Петр Фулин.  
-         Сите знаат колку е тешка оваа патека. Долга е 26 километри, практично една голема ридско-брзинска делница, но сепак се вози во круг и од новиот автодром се користи само делот за старт и финиш. Патеката е брза и опасна, така што никому не му е сеедно, но кога се е во ред со автомобилот и кога атмосферата во тимот е добра, резултатите секогаш доаѓаат на површина. Ние бевме можеби уплашени дали добро ќе ја завршиме својата работа, но ете испадна дека најдобро од сите сме ја направиле својата домашна задача и се враќаме со два пехари во Македонија. Морам да изразам голема благодарност до секој член поединечно во мојот тим, бидејќи автомобилот беше одлично подготвен за трката и јас добив сериозна шанса за успех благодарение на тоа. Секогаш давам максимум од себе и верувајте дека нема позаинтересиран од мене да биде чекор поблиску до шампионската титула. Тоа е мојот сон, мојата мотивација и желба, за тоа се натпреварувам, но секогаш мора да се гази цврсто на земја бидејќи во оваа работа не оди добро кога паметот ти лета на друго место, изјави Стефановски.
Директорот Спасески му честиташе на одличното возење и му посака успех во наредните трки.