Македонија
20. September 2016 - 17:04

Средба Туск - Иванов во Њујорк: Проблемите со кои се соочува ЕУ не смеат да го запрат проширувањето

Проширувањето на Европската Унија мора да остане приоритет и покрај предизвиците на Унијата. Оваа констатација ја делат Шефот на Европската Унија Доналд Туск и македонскиот Претседател Ѓорге Иванов. Двајцата во Њујорк разговарале за евроинтеграцијата на Македонија, како и за предизвиците коишто произлегуваат од мигрантската и бегалска криза, особено безбедносниот аспект.

Македонскиот претседател нагласил дека Македонија ќе го продолжи реформскиот процес, со цел достигнување на европските стандарди и критериуми и ќе продолжи да придонесува за регионалната соработка, во одржувањето на стабилноста на регионот

-Република Македонија, бара еднаков и правичен однос од европското лидерство и од сите земји-членки на Европската унија и очекува да се примени позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на отворените билатерални прашања, му пренел Иванов на Туск, потсетувајќи дека на целиот регион на Југоисточна Европа му е потребна забрзана интеграција во Европската унија, затоа што тоа е најдобриот начин за целосно консолидирање.

Во контекст на предизвиците поврзани со мигрантската и бегалската криза, Иванов потенцирал дека Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза.

Македонскиот претседател кој во Њујорк ќе учествува не генералното собрание на Обединетите нации, синоќа имал билатерална средба и со премиерот на Кралството Норвешка.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, двајцата соговорници изразија подготвеност за продолжување и унапредување на соработката во сите сфери на заеднички интерес, како и за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Кралството Норвешка.