Бизнис
18. March 2018 - 8:58

Србија најави контра мерки, Македонија вели се бара решение за увозот на српско брашно

Во исчекување на решавањето на проблемот со извозот на српско брашно во Македонија што се актуелизираше изминатиот период Србија најави контра мерки доколку до 14 април не се најде трајно решение. Од друга страна пак, надлежните во Македонија посочуваат дека земјава преку Мешовитиот комитет работи на изнаоѓање трајно и систематско решение за увозот на српското брашно.

Министерот за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ, гостувајќи во утринската програма на ТВ Н1, вчера рече дека Србија ќе биде трпелива зашто трговската и царинската војна не се во интерес на двете земји.

- До 14 април мораме да најдеме трајно решение за извозот на брашното во Македонија. Воведувањето контра мерки, за жал, се уште е опција. Ние имаме трпение, не сакаме да влеземе во трговска и царинска војна, да воведуваме контрамерки, бидејќи тоа не е во интерес на стопанството и на меѓусебните односи. Јас им кажав да не не тераат тоа да го направиме, но тоа навистина ќе го сториме овој пат ако не најдеме трајно решение, истакна српскиот министер и најави нов состанок во Скопје за две недели.

Според него, проблемот со брашното го прават тројца мелничари од Македонија кои, како што напомена, имаат економско и финасиско влијание со што успеваат да наметнат вонцарински бариери. 

Се бара модел, дополни Љајиќ, за трајно решение за да не се повторува проблемот секоја година. Според него, постојат неколку модели за решавање на проблемот, меѓу кои, потполно укинување на маркичките и трајно признавање на сертификатите.

Во врска со неговата денешна изјава според кој Србија ќе воведе контрамерки ако до 14 април не се најде трајно решение за брашното, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски за МИА рече дека проблемот се провлекува повеќе години и за негово надминување се разговара долго време.

- И еден од заклучоците на Мешовитиот комитет е да се бара трајно и систематско решение. Целта е конечно надминување на проблемот, за да не се повторува секоја година, изјави Николовски.

Според него, Комитетот кој првпат заседаваше завчера во Белград, во рок од 30 дена треба да излезе со предлози за трајни и систематски решенија, не само за брашното, туку и за сите останати нецарински бариери кои би ја унапредиле трговската размена.  

- Можна е нова седница на Мешовитиот комитет до крајот на март, ако не и порано, истакна Николовски.