Македонија
21. February 2016 - 19:22

Србија ја спушти границата за бегалците од Авганистан

Српската граница e затворена за бегалците од Авганистан. Без образложение, веќе три дена мигрантите престојуваат  во бегалските кампови на македонско тло бидејќи  српските власти ги спречиле  да го продолжат патот по рутата кон Западна Европа.

617 мигранти трет ден се заглавени. Србија не пропушта мигрнти од Авганистан и нема информација зошто само за нив е затворена границата. Од 18ти влезот е отворен само за бегалците со потекло од Сирија и Ирак.

Бегалците за Сител  велат до сега не добиле информација зошто Србија ги враќа назад. Единствена причина која им ја наведуваат српските граничари е дека влезот за нив е затворен бидејќи се авганистанци.

Според МВР мигрантите кои Србија не ги пушта да влезат,  влегле на македонска територија  според начинот на кој се договорија земјите кои се дел од бегалската рута. Оттаму информирааат дека за сите овие 617 мигранти се добиени потребните документи пасоши со кои докажуваат дека се државјани на Сирија, Ирак или Авганистан.

Надлежните работат според пропишаниот договор за регистрација и идентификување на бегалците кои беше договорен од страна на 5 држави минатата недела, со цел да се спречи илегалната миграција.

Српскиот министер Александар Вулин за медиумите тврди дека  Србија не затворила граница кон Македонија, Бугарија или која било друга држава. Неговата изјава е очигледно спротивна на фактичката состојба на Табановце.

Се отвора прашањето дали за Република Србија мигрантите од Авганистан не се државјани кои доаѓаат од кризните подрачја.

Македонскиот црвен крст од завчера го зголеми бројот на лекари поради поголемиот застој на бегалци кои престојуваат повеќе од 5 часа. Оттаму велат дека имаат доволно количина на храна за околу 2000 луѓе доколку е потребно да интервенираат во следните неколку дена. 

Утрово екипата на Црвениот крст имала поголем број на интервенции. Бегалците се пожалиле на респираторни заболувања, голем број од нив побарале и преврска претежно поради повреда на долните екстремитети.