Македонија
16. September 2015 - 16:57

Специјалната јавна обвинителка даде заклетва- за еден месец ќе оформи свој тим

Со полагање на свечената заклетва пред Советот на јавни обвинители Катица Јанева и официјално  стапи на функцијата специјален обвинител.

Во своето прво појавување пред медиумите, новата специјална обвинителка им се заблагодари на сите политички фактори за укажаната доверба и вети напорна работа. Од новинарите побара денеска да не и поставуваат прашања.

Јанева доаѓа на местото специјален обвинител по политичкиот договор од скопско Пржино. Таа ќе има задача да ги истражи прислушувањата и случајот Пуч.

Избрана е на предлог на Собранието со консензус на најголемите политички партии и меѓународниот фактор.

Ќе има можност сама да ги избере своите помошници од редовите на постојните обвинители.

Нејзиниот мандат ќе трае 4 години со можност за реизбор , а ќе има рок од 18 месеци за поднесување на обвиненија.