Живот
28. May 2017 - 18:10

Социјалните мрежи ја спречуваат борбата против солариумите

Социјалните мрежи како Инстаграм и Фејсбук долеваат масло на огнот кога се работи за бројот на заболени од рак на кожата, тврди експертот Кристофер Роланд Пејн. 

Според пишувањето на британските медиуми, младите кои се зависни од селфи ги игнорираат предупредувањата за долгорочната штета од одењето во солариуми.

„Можете да добиете темна боја на кожата за три или четири дена, но последиците доаѓаат многу подоцна. Тоа е краткорочна награда и моментално задоволство, но цената е долгорочна” – рече Пејн.

Тој смета дека сето тоа е поврзано со „селфи лудилото” на социјалните мрежи и дека луѓето поради тоа сакаат да имаат темна кожа.

„Според анкетата која ја направивме, голем број луѓе сметаат дека темниот тен е привлечен. Јавните здравствени кампањи не успеаја да ги променат навиките и доволно да укажат на опасноста од изложувањето на сонце како што тоа го направија за ракот на белите дробови и ги свртеа луѓето против цигарите” – рече Пејн.

„Пушењето сега се смета за одвратно, но потемнувањето на тенот не. Жените се подготвени на се за да ја потемнат кожата, а мажите се восхитуваат на жени со таков тен” – предупреди тој.

Ракот на кожата е честа болест. Од еден облик на рак на кожа, меланом, во текот на 2015 година заболеле 3,1 милион луѓе, од кои 59.800 умреле, пренесува Кликс.

Највисока стапка на заболени имаат Австралија и Нов Зеланд.