Македонија
7. October 2015 - 18:54

Собранието не ги поддржа законските измени за екстерното на опозицијата

Собранието на Република Македонија на попладневното продолжение на 67. седница не ги поддржа предлог-законите за изменување на законите за основното и за средното образование, поднесени од група пратеници од опозициската СДСМ, со кои бараа укинување на екстерното тестирање. 

Според опозициските пратеници, со неколкугодишното спроведување на екстерното тестирање наместо да се подобри квалитетот на образованието, состојбите се влошиле. 

- Со ваквиот систем во суштина целосно се доведува во прашање судбината на децата бидејќи со погрешни одговори на само две прашања добиваат пониска оценка, а тоа за некого може да значи неможност за запишување на факултет, рече Петре Шилегов од СДСМ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакнаа дека екстерното е дел од реформите кои се спроведуваат за подобрување на квалитетот на образованието. 

Пратеникот Зоран Илиески, во реплика на Шилегов, рече дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека екстерното е добар метод, кој треба да се унапреди и оти се отворени за секакви предлоги за подобрување на процедурата при оценувањето.

- Овој метод постои и во многу други држави и треба да направиме напори сите заедно да се потрудиме образованието да го доведеме на многу повисоко ниво, рече Илиески.

Парламентарното мнозинство го оцени како неприфатлив и предлогот на пратениците од СДСМ за изменување на Законот за наставници во основните и средните училишта, во прво читање, со кој се бараше бришење на одредби кои се однесуваат само на екстерното оценување. 

Во Собранието во тек е пауза за редоследот на говорниците за Предлог законот за минимална плата во прво читање, исто така на предлог на пратениците од СДСМ.  

Претседателот на Собранието Трајко Вељановски најави дека Парламентот ќе работи до 20 часот.

Попладневната собраниска расправа во Собранието на почетокот беше прекината половина час откако претседателот на Собранието Трајко Вељановски побара пауза поради дебатата меѓу пратениците Енес Ибрахими и Нола Исмајловска Старова од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Ибрахими во расправата за Предлог-законот за изменување на Законот за средното образование, во контрареплика ја коментираше националноста на Исмајловска. По координацијата на пратеничките групи, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски рече дека во иднина нема да му реплицираат на пратеникот Енес Ибрахими поради, како  што рече, навредата на пратеничката на верска и национална основа, а Вељаноски, пак, апелираше на коректност и дебата за законите. По тоа следеше и извинување од Ибрахими.