Бизнис
12. November 2015 - 14:59

Собранието изгласа неколку закони од финансиската сфера

Собранието на Република Македонија во рамки на 71. седница ги донесе измените на Законот за задолжителните нафтени резерви, на Законот за персоналниот данок на доход и на Законот за платниот промет, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за финансиска дисциплина, во прво читање. 

Опозицијата најави дека ќе побара одговорност од оние менаџери на државни институции кои поради неодговорно и недомаќинско работење добиле нафта од резервите. - Ќе побараме список на сите претпријатија кои добиле нафта од резервите, изјави пратеникот од СДСМ Марјанчо Николов. Ние, додаде тој, сме против тоа нафтените резерви да се им се делат на училишта, државни претпријатија и институции кои останале без нафта поради лошо менаџирање.  

Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија рече дека измените се однесуваат на двегодишно продолжување на примената на задолжителните резерви, што би важело само за кризи, итни потреби и слично. 

Со измените на Законот за платниот промет, по скратена постапка, се продолжува рокот до кој учесниците во платниот промет кои имаат блокирани трансакциски сметки ќе можат да вршат плаќања со пресметка на меѓусебните побарувања и обврски.

Со предложената одредба субјектите кои имаат блокирани сметки меѓусебното намирување на паричните обврски и побарувања преку компензација, асигнација, цесија и преземање на долг можат да го вршат до крајот на 2017 година. 

Со измените и дополнувањата на Законот за финансиска дисциплина, во прво читање, се врши допрецизирање на постапката на вршење на контрола на спроведувањето на законот, уредување на роковите за исполнување на паричните обврски во случаите кога паричната обврска е утврдено да се исполнува на рати, уредување на роковите за плаќање во случаите кога како должници се јавуваат субјекти од јавниот сектор од областа на здравството, како и усогласување на Законот за финансиска дисциплина со Законот за прекршоци. Измените и дополнувањата се во делот на висината на прекршочните санкции  и утврдување на критериуми согласно кои се врши одмерување на висината на глобите.

Пратеникот Васко Ковачевски од СДСМ рече дека од година во година има нови 2.500 блокирани сметки, а малите фирми и дуќаните се затвораат секој ден. 

- Во јуни 2013 според податопците на Народната банка имало 60.176 блокирани фирми, а од мај 2014 година кога почна примената на овој закон 62.500, а цела 2015 - 64.986 блокирани фирми. Трендот на заголемување од по 2.500 фирми, рече пратеникот од СДСМ Васко Ковачевски, кој смета дека треба повторно да се разгледа ова законско решение имајќи го предвид бројот на блокирани сметки. Најави дека ќе побара уште поголемо намалување на одредени глоби кои се однесуваат на фирмите.   

По едночасовна пауза Собранието ќе ја продолжи седницата со Предлог на законот за амнестија, први читање поднесен од 11.069 избирачи.