Македонија
10. November 2017 - 14:50

Со швајцарска помош до порамномерен регионален развој

Македонија ќе инсталира електронски систем за следење на трошењето пари во државниот Буџет во сите плански региони. Тоа ќе го овозможи Меморандумот за разбирање за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој што денеска во Владата го потпишаа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и швајцарската амбасадорка во Македонија Сибил Сутер Техада.

Меморандумот предвидува да се реализира проект во висина од 5,4 милиони швајцарски франци, од кои 3,68 милиони се грант од Швајцарија, а 1,72 милиони од Владата на Република Македонија.

Проектот, како што информира вицепремиерот Анѓушев, се состои од три компоненти, од кои првата во износ од 1,7 милиони швајцарски франци е наменета за да се развие софтвер преку кој ќе може да се следи како се трошат парите во Буџетот во секое место во земјава. Втората компонента во износ од 0,7 милиони швајцарски франци ќе биде наменета исклучиво за ранливите категории граѓани и подобрување на нивната инфраструктура, а третата компонента во износ од три милиони швајцарски франци ќе биде насочена кон инфраструктурни и иновативни проекти во сите осум плански региони во земјава.

Софтверот, како што посочи Анѓушев, ќе биде јавно достапен и онлајн ќе може да се види како се трошат државните пари.

- Нашата цел е да создадеме приближно исти услови за живеење во земјава без разлика каде луѓето живеат. Затоа мораме средствата прагматично да ги користиме за да создадеме подобри услови за живот. Сега живееме во два различни света. Едниот се големите развиени градови, а вториот руралните средини во кои некаде нема ни основна инфраструктура, рече Анѓушев и додаде дека во Буџетот за 2018 година се предвидени за 26 отсто повеќе пари за регионален рамномерен развој од кој било буџет досега.

Нагласи дека грантот од Швајцарија може да придонесе за развојот на руралните средини и додаде дека оваа поддршка воедно претставува и обврска за Владата наменски и транспарентно да се трошат парите.

Појасни дека во моментов за да се види како се трошат парите во регионите е потребно да се проверат сите министерства каде што вложиле или изградиле, а по инсталирање на софтверот веднаш ќе се знае.

Министерот Фазлиу порача дека кога ќе биде јасно како се распоредени парите за регионален рамномерен развој ќе најдеме начин како да се распределат во согласност со Програмата за рамномерен регионален развој. 

Тој посочи дека поради огромните развојни разлики и несоодветниот одговор на енормното растење на Скопје за сметка на внатрешноста, која се празни, многу граѓани се соочуваат  со недостаток на елементарни услови за секојдневно живеење. Ова, како што кажа, е особено изразено во руралните општини во сите плански региони.

- Евидентно е дека спроведувањето  на политиката за рамномерен регионален развој во изминатата деценија не го даде очекуваниот резултат. Дури и во најразвиениот плански регион - Скопскиот  има огромни разлики меѓу центарот и периферијата. Проблеми со водоснабдувањето има и општина Аеродром, една од најурбаните во земјата, рече Фазлиу.

Швајцарската амбасадрка Сутер Техада посочи дека Швајцарија го поддржува рамномерниот регионален развој на земјава од 2012 година, а  како што нагласи, во последните пет години има евидентен успех во намалувањето на регионалните диспаритети.