Македонија
13. December 2017 - 16:45

Со месеци нема министер за здравство

Се уште нема решение за испразнетите министерски и заменички места во Владата. Премиерот денеска не откри дали вчера воопшто се одржала средбата со коалиционите партнери која тој ја најави од Косово и за која изрази надеж дека ќе биде последна

Во отсуство на официјални информации, партиските кругови брифираат дека е речи си извесно дека Села ќе остане без Министерството за здравство бидејќи оваа позиција веќе му била ветена на Венко Филипче од СДСМ. Според неофицијалните информации, Заев за Села бил подготвен да креира комплетно ново министерство за реформи, но во Алијансата велат дека немаат намера да ја прифатат оваа понуда и дека очекуваат Заев да го прифати нивниот предлог и нов министер за здравство да биде Вулнет Ферати.

Од друга страна, се подлабок станува јазот меѓу Села и Ахмети. Партиски извори од Мала Речица брифираат дека интегративците имаат прилично цврст став дека било кое кадровско решение кое доаѓа од редовите на Алијансата на Села нема да ја добие поддршката на пратениците на ДУИ во Собранието, што би го направило неговиот избор невозможен. Во такви услови Зијадин Села е се поблиску до вратите на Илинденска што пак го отвора прашањето за стабилноста на парламентарното мнозинство, доколку во него, не се приклучат пратеници од опозицијата.

Владата скоро 2 месеци работи без двајца министри и еден заменик, откако поранешните победија на локалните избори и добија позиции во локалните самоуправи.