Македонија
20. February 2018 - 8:51

Случајот со силуваното девојче се уште во фокусот на јавноста

Случајот со силуваното 13-годишно девојче, штитеник на Заводот за згрижување на деца со воспитни и социјални проблеми „25 Мај“, се уште ја разбранува јавноста. 

Директорот на Заводот „25 Мај“ вчера си поднесе оставка од морални причини, а Министерството за труд и социјална политика очекува  Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство да преземат мерки за да се пронајдат и санкционираат лицата коишто го злоупотребувале девојчето.

- Комисијата веќе утврди дека стручните служби и назначениот старател во неколку наврати ги алармирале надлежните институции за можна сексуална експлоатација на Р.И. Сега се истражуваат сите останати елементи за можно непостапување од страна на претходниот назначен старател на детето, информираа од ресорното Министерство.

Оттаму најавија дека интензивно се работи на процесот на деинституционализација и оти до средината на годинава ќе започне трансформацијата на установите за згрижување деца во мрежа на мали групни домови.

Во врска со случајот и полицијата од Велес поднесе кривична пријава против 18-годишно момче од Велес за кое постои сомнение дека извршил полов напад врз девојчето. 

И родителите на девојчето, кое остана бремено и абортираше, побараа помош од адвокат за да им помогне да го вратат старателството врз неа.