Македонија
13. April 2017 - 16:21

Сител дознава: Што разговараа политичките директори од министерствата на Македонија и Грција во понеделникот во Солун?

Грчките политичари продолжуваат со тактиката - националистички изјави за домашната јавност и активно спроведување на мерките за градење доверба.

Сител дознава дека на последниот состанок на политичките директори од двете министерства, што се одржа во Солун во понеделникот, е разговарано за неопходноста од преземање натамошни активности во реализацијата на железничкото поврзување на Битола со Лерин. Грчката страна информирала за напредокот во проектот, односно преостанатите обврски за електрификација на пругата во должина од 4 км, и оспособување на железничката зграда. Од македонска страна, пак е најавено исполнување на обврските до мај следната година. Договорено е да биде одржан заеднички состанок меѓу преставниците на надлежните министерства и транспортните компании, заедно со правните советници, со цел утврдување на сите аспекти во реализацијата на овој проект.

Политичките директори од двете министерства изразиле подготвеност за потпишување Договор за соработка меѓу Дипломатските академии, а од грчка страна е сугерирано Македонија да искаже интерес за вклучување во два твининг проекта на Европската Унија, за зајакнување на капацитетите за ефикасно имплементирање на европското право на полето на екологијата и за натамошно подобрување на административните капацитети и ефикасност на Државниот завод за ревизија.

Тоа што во минатото беше сериозен проблем, полициската соработка, истата сега се одвива добро.

Договорено е да се направат напори за интензивирање на договорените активности во соработката меѓу универзитетите од Солун и Битола, со фокус на програмата Еразмус.

Дури е најавена и иницијатива на Националната банка на Грција за организирање престој на деца од основно образование од Македонија во летен камп на Халкидики.

За натамошно реализирање на заеднички активности во областа на културата, здравството, цивилната заштита и јавната администрација, е договорено нивни претставници да учествуваат на следниот состанок.

Следната средба на политичките директори начелно е договорено да се одржи кон крајот на годината во Скопје, а точниот термин на состанокот за МГД ќе биде утврден до крајот на овој месец.