Македонија
7. January 2017 - 15:40

Сите градски булевари и улици исчистени, фрлени дополнителни 50 тони сол

Сите булевари и улиците коишто се во надлежност на Градот Скопје се расчистени и проодни. Изминатава вечер на коловозите се фрлени дополнителни 50 тони сол, а екипите на јавните претпријатија го чистат снегот од јавните површини и пешачките патеки, соопштија од Град Скопје.

Екипите на зимската служба на Град Скопје, кои се на терен од почетокот на снежните врнежи, делуваат со 24 возила.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно со потсетување дека индустриската сол има ефект до - 6 степени целзиусови и оти поради ниските температури можна е појава на голомразица на коловозот.

Посочуваат дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а за чистење и оджување на преостанатите улици се задолжени општините. Воедно се апелира до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.

Од ЈП „Комунала хигиена“ апелираат до општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.