Свет
12. November 2017 - 21:07

Силен земјотрес во реонот на ирачко-иранската граница

Силен земјотрес вечерва го погоди реонот на градот Халабџа во автономниот регион Ирачки Курдистан, во близина на границата меѓу Ирак и Иран.

Според Американскиот геофизички институт, земјотресот бил со интензитет од 7,3 степени според Рихтеровата скала, со епицентар југозападно од Халабџа, на 103 километри југоисточно од ирачкиот градот Сулејманија.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар пак соопшти дека потресот бил со јачина од 7,4 степени според Рихтер, на длабочина од 10 километри под површината на земјата и со епицентар на 32 километри северно од иранскиот град Сарпол и Захаб.  

Според ирачката метеоролошка служба, земјотресот бил со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала и бил почувствуван во поголем дел од Ирак, вклучително и во главниот град Багдад. 

Иранските медиуми јавија дека потресот бил почуствуван и во реоните во северозападен Иран во близина на границата сон Ирак, при што се предизвикани штети во најмалку осум ирански населени места, а дошло и до прекин на електричната енергија во неколку погранични региони.

Засега нема информации за жртви.