Балкан
16. July 2016 - 8:56

Си-Ен-Ен: Никој нема целосна контрола над власта во Турција

Неколку часа по објавувањето на информација дека група армиски офицери извршиле воен преврат во Турција, според расположливите податоци, засега никој нема целосна контрола над власта во земјата, јави американската телевизија Си-Ен-Ен.

Советникот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Кемал Хашим во изјава за телевизијата тврди дека пучистите се „само мал дека од Армијата“ и дека во рок од 24 часа „демократски избраната власт“ ќе воспостави целосна контрола.

Тој нагласи дека Ердоган и премиерот Бинали Јилидирим се наоѓаат во Истанбул, најавувајќи дека за неколку часа шефот на државата ќе и се обрати на нацијата. 

Меѓутоа, западните медиуми јавуваат дека на улиците низ градовите на Турција се уште се слушаат истрели и има судири меѓу приврзаниците и противниците на воениот удар.  

Агенцијата Анадолија јави дека армиските сили лојални на организаторите на превратот фрлиле две бомби врз Парламентот во Анкара, при што се повредени најмалку 12 лица.

Според истиот, извор најмалку 17 полициајци загинале во судири со пучистичките  сили во Анкара.

Западни медими јавуваат и за престрелки на мостот на Босфор, како и за вооружени судири на истанбулскиот плоштад Таксим, каде се слушнале и две силни експлозии.

Според Хабертурк, во судирите во Истанбул загинале најмалку шест лица. 

Западните медиуми јавија и за силна експлозија на истанбулскиот аеродорми „Ататурк“ каде наводно пред неполн час со авион приситгнал претседателот Ердоган.