Свет
27. September 2017 - 18:04

Шојбле се очекува да поднесе оставка

Министерот за финансии на Германија, Волфганг Шојбле се очекува да поднесе оставка од функцијата откако канцеларот Ангела Меркел презеде подготовки за разговори за состав на нова влада по изборите во неделата, јави ДПА цитирајќи партиски извори.

Шојбле е член на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) чиј претседател е Меркел. Според германски медиуми, партијата Слободни демократи (ФДП) бара од Меркел нивни член да биде министер за финансии како дел од евентуален договор за влегување во владата.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ќе биде најверојатно претседател на германскиот Парламент, позиција што бара од него да се откаже од министерската функција, пишува „Билд“. Весникот наведе дека на Шојбле, парламентарец со најдолг стаж во Германија, му било укажано од Меркел да ја преземе функцијата претседател на Парламентот и оти тој се согласил.