Свет
23. March 2017 - 14:42

Шидло: Нападот во Лондон е доказ дека не треба да се прифатат мигрантите

Полската премиерка Беата Шидло го поврза денеска нападот во Лондон со политиката на Европската унија за миграцијата, наведувајќи дека терористичкиот инцидент го оправдува ставот на Варшата кон мигрантите.

- Често слушам во Европа дека не треба да ја поврзувам миграциската политика со тероризмот, но не е возможно да не се поврзе, нагласи Шидло за полската телевизија „ТВН24“. 

Шидло наведе, алудирајќи на предупредувањето на комесарот за миграција на ЕУ Димитрис Аврамопулос да не одбиваат земјите од Унијата да ги прифаќаат мигрантите, дека тој треба да се концентрира на тоа како да ги избегне нападите, како вчерашните во Лондон.

- Полска нема да подлегне на уцените. Комесарот доаѓа во Варшава и пробува да ни каже дека мораме да направиме онака како што одлучила ЕУ, дека мораме да ги прифатиме мигрантите. А два дена подоцна се случува терористички напад во Лондон, истакна Шидло. 

Полската Влада не прифати ниту еден од 6.200 миграти кои и се доделени на земјата во рамките на квотите на ЕУ.