Македонија
7. March 2016 - 16:34

Шекеринска: ДИК мора да обезбеди целосно прочистување на избирачкиот список

Потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска денеска оцени дека Државната изборна комисија мора да обезбеди целосно прочистување на избирачкиот список,  за, како што рече, во Македонија да важи правилото еден човек-еден глас. 

Шекеринска при посетата на Делчево каде што имаше средби со граѓани, рече дека на избирачкиот список се најдени починати лица и фантомски гласачи и оти за тоа некој треба да одговара.

- Овој хаос во избирачкиот список мора да се расчисти и пред овие избори за да добиеме кредибилни, фер и демократски избори. Се покажа дека сето она што опозицијата што го говореше неколку години по ред, било точно. Дека некој намерно додавал личности, некој намерно злоупотребувал починати лица, некој намерно обезбедил со криминал да владее една група на луѓе во Република Македонија, изјави Шекеринска.

Во нивната партиска програма, информира, предвиделе единствен електронски регистар со кои целосно ќе биде јасно кои луѓе живеат во Македонија, колку се и кои се.

- Никој повеќе нема да може да го злоупотреби нивниот избирачки глас. Не само тоа, на ваков начин ќе им овозможиме на сите граѓани полесно да дојдат до своите права наместо да шетаат, шалтер на шалтер, и од инстутуција во институција трошејќи го нивното време, а трошејќи ги и нивните пари. Така, секој граѓанин во Македонија, без да троши непотребно пари, ќе може да добие посакувани и потребни документи, и на тој начин ќе се спречи, трошењето на многу пари за едни исти потврди. Сметаме дека ова решеније со кое што на еден шалтер практично  многу документи ќе може да се добијат, ќе им олесни и на институциите и на граѓаните, и на бизнисот во Република Македонија, рече Шекеринска.