Саздов и Стевананџија тврдат дека се прават злоупотреби со податоците од избирачкиот список
Не запираат лагите и манипулациите на СДСМ за избирачкиот список, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. По вчерашните натписи дека на адресата на пратеничката Даниела Рангелова се регистрирани 100 гласачи, денес на удар на медиумите блиски до опозицијата се пратениците Павле Саздов и Димитар Стевананџија. Тие негираат дека на нивните адреси има по десетина регистрирани гласачи и тврдат дека ова само го покажува стравот на опозиција од соочување со граѓаните.
-Мене ме обвинија дека на адресата на која што живеам се регистрирани 22 гласачи. Сакам да појаснам дека станува збор за станбена зграда стара 55 години со 2 влеза и 16 станови во кои живеат моите соседите. Манипулацијата на медиумите финансирани од Сорос и СДСМ е во тоа што ги вадат сите лица кои живеат на адреса ул. „Борис Кидриќ“ бр 16, но не кажуваат за колку станови станува збор. Ваквите лаги и манипулации на СДСМ, не минуваат. Сите соседи се згрозени од злоупотребите на СДСМ и јас сум убеден дека за ваквата деструктивна политика ќе добијат соодветен одговор на 5 јуни, рече Стевананџија.
СДСМ и медиумите финансирани од нив и Сорос, ме обвинија дека поседувам куќа во Бутел и дека на таа адреса се регистрирани 15 гласачи. Јас куќа и стан во Република македонија не поседувам, а на адресата на која што живеам сме регистрирани само јас и мојата сопруга што може да се види со обична проверка на избирачкиот список.
Толку од аферите на СДСМ, вели Садов.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа ДИК и МВР, двете институции како што велат, под раководство на СДСМ и одговорни за организирање на изборите, да ги превземат сите потребни активности до 5 јуни за спроведување на кредибилни избори, со цел Заев да нема оправдување за поразот кој ќе го доживее.
Јавноста треба да знае дека разликата меѓу поддршката што ја има ВМРО ДПМНЕ и онаа што ја ужива СДСМ не се 10 гласови, не се 100, не се 1000, туку се 200 000 гласа разлика. Оваа разлика се повторува изминативе десет години во сите избирачки циклуси. Јас сум сигурен дека со продолжување на деструктивните сценарија од страна на СДСМ тие ќе тонат уште подлабоко и таа разлика од 200 000 гласа на изборите на 5 јуни ќе биде уште поголема, вели Саздов.
Според Саздов разликата во гласачи меѓу стариот и новиот прочистен избирачки список ќе биде минимална. Очекува многу мал број на гласачи да биде променет и тоа во делот на починати лица и нови гласачи кои во меѓувреме стекнале право на глас.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар