Македонија
11. July 2017 - 16:44

Самит во Трст: Поттик за евроинтеграциите на регионот и инфраструктурна и економска поврзаност

Инфраструктурни проекти во делот на енергетиката и транспортот вредни 1,3 милјарди евра европски пари кои треба да се искористат до 2020 година, но и поголемата соработка на земјите од западен Балкан во делот на миграциите и борбата против тероризмот. Ова се главните теми на кои ќе разговараат премиерите на шестте држави од западен Балкан утре во Трст, во рамките на четвртиот редовен самит на т.н. Берлински процес што го организира Унијата за реагионот. Македонската висока владина делегација ќе биде предводена од премиерот Зоран Заев.

Самитот е под покровителство на Италија како претседавач на ЕУ, а на него освен владините делагации од западен Балкан ќе учествуваат и претседатели и премиери на одделни европски земји, како и високaта претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за за проширување Јоханес Хан,  и еврокомесарката за транспорт Виолета Болц.

Домаќинот, преку допис од министерот за надворешни работи Анџелино Алфано веќе ги најави своите очеклувања од настанот. Тој нагласува дека согласно заклучоците на Европскиот совет од март, вратата на Европа останува отворена за земјите  од западен Балкан.

„Потребно е да се надминат внатрешните поделби и обвинувања од минатото и неповратно да се избере Европа. Само преку дијалог и силен импулс за помирување ќе биде можно да се погледне со оптимизам кон иднината. Веќе не е време за двоумење, туку е време за избор. На македонските пријатели, им е впрочем позната политиката на силна и лојална поддршка на нивните евро-атлантски аспирации која Италија секогаш, конкретно, ја давала“, вели Алфано.

Италијанските домаќини од самитот во Трст освен нов пакет на инфраструктурни проекти очекуваат и регионална економска интеграција на пазар од 20 милиони луѓе, како и да се потпише Договорот за основање на Заедница на Транспорт. Во Трст треба да се разговара и за  мерки за поддршка на малите и средни претпријатија, но и мерки за спречување на корупцијата, проширување на програмата Еразмус.

Слични најави стигнаа и од Михаил Рот кој рече дека Германија е задоволна од берлинскиот процес.

Премиерот Заев, според најавите од владината прес-служба, во рамките на самитот во Трст, покрај средбите со претставниците на ЕУ, ќе оствари и билатерални средби со премиерите на Албанија, на Србија, и на Словенија, а ќе се сретне и со британскиот шеф на дипломатијата Борис Џонсон.