Македонија
25. July 2017 - 11:51

РСБСП: Добар одмор за безбедно патување

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира возачите да бидат добро одморени, без разлика дали ќе патуваат преку ден или во текот на ноќта.

- Најголемата предност на управување на возилото на долги патувања во текот на денот е тоа што видливоста е многу поголема, полесно и порано се видливи и полесно се перципираат сите елементи кои влијаат на безбедноста во сообраќајот, полесно се идентификуваат потенцијалните закани, пречки и можните опасни ситуации во сообраќајот, соопшти РСБСП.

Возењето во текот на денот, како што се наведува, е особено погодно за луѓето кои користат диоптерски леќи или очила. Доколку автомобилот е во дефект или возачот е во неволја, многу полесно пристигнува службата за помош.

Како најголема пречка за возење преку ден се смета зголемениот интензитет на сообраќај. Најголемата разлика во однос на ноќното возење е што во текот на денот возачите често ги пресретнуваат големи товарни камиони и машини кои се бавни и кои зад себе создаваат колони. Во текот на денот има поголем метеж на бензинските станици, наплатните рампи за патарина и на граничните премини. Се вози по исклучително високи температури, а секое подолго чекање во колона значи подолго и поголемо изложување на сонце, а тоа најтешко го поднесуваат најмладите патници, особено доколку во возилото нема клима, иако тоа веќе и не е честа појава.

- Бидете внимателни, надворешната и внатрешната температура во возилото да не биде поголема од седум степени, а правете и чести паузи. Најдобар совет е да се тргне на пат тогаш кога возачот ќе биде добро одморен, соопшти РСБСП.

Најголемата предност која ја има возењето во текот на ноќта е помалиот интензитет на сообраќајот и нема метеж на граничните премини, патарините и бензинските станици. Статистичките податоци покажуваат дека во текот на ноќта се случуваат и помалку сообраќајни несреќи, а доколку се случи тие се со катастрофални последици.

Температурите во ноќта се значително намалени, а со тоа и возењето е попријатно. Доколку на патиштата има застој, чекањето е многу полесно поради пријатните температури, а ноќта е период кога најмалите спијат, па возачот има мир и концентрација.

РСБСП информира дека една од најзначајните маани во ноќното возење е тоа што видливоста на патот е значително намалена и многу тешко може навремено да се идентификуваат заканите и препреките на патот. Лицата кои имаат послаб вид, не би требало да да возат навечер. За време на ноќното возење често се случува возачот да почувствува криза за спиење и веднаш треба да застане за да одмори, а тоа најчесто се случува во периодот меѓу четири и шест часот наутро.