Македонија
18. July 2017 - 16:12

Риа Новости: Решение на спорот со името до крајот на годината

Новата влада нема да се плаши да преговара но решение преку ноќ  не е можно. Ваква порака од Брисел упати шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по вчерашните разговори Нимиц Коѕијас.

- Прашањето е долго време отворено меѓу државите и нема решение преку ноќ. Важно е што  новата Влада нема да се плаши да преговара, но нема да преговара од страв, туку за да се најде решение. Второ, мислиме дека во контекст на Балканот е и фактот дека или заедно ќе успееме во регионот или не. Сите држави. Ние се обидуваме сите отворени прашања да не ги гледаме низ призма „победник и губитник“, туку што е можно двете држави или целиот регион да направат за исчекор напред во контекст на европската иднина. Ќе го цитирам мојот грчки колега Никос Коѕијас дека историјата не треба да биде затвор, туку учител. Ние имаме направено претходно грешки и по ова прашање и ова е можност истите да не ги повториме - одговори Димитров.

Вчера по состанокот со Нимиц  во Брисел Коѕијас изјави дека средбата била сериозна и интересна. Грчкото МНР објави дека тој го информирал медијаторот за ставот на грчката влада по средбата со претставниците на новата македонска влада.

Коѕијас како и во претходно дадените интервјуа така и по средбата со Нимиц остави резерва во однос на суштинските разлики во позициите на новата и старата влада потенцирајќи дека комуникација меѓу двете страни има но суштината треба допрва да се покаже.

Коѕијас во интервју за Еурактив најави дека кон крајот на август планира посета на Скопје.

Можното брзо решавање на спорот беше тема и за руската новинаска агенција РУИА која повикувајќис е на висок европски диплкомат5 објави дека приустапувањето на Макеоднија во НАТО може да биде решено за 3 до 4 месеци.

„Има нагло забрзување на преговорите. За три до четири месеци планираме да ги приклучиме, тоа значи до есен“, изјавил дипломатот за агенцијата. 

Истиот дипломат и претходно тврдел дека Македонија може да биде приклучена кон Алијансата до пролетта 2018 година и дека властите во Скопје се подготвени да го решат спорот за името. Според дипломатите забрзувањето на преговорите за членство на Македонија во НАТО се прави по иницијатива на САД.