Македонија
21. August 2017 - 17:10

Реакција од македонската влада: Сакаме добрососедски односи

Република Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји. Кога постојат отворени сензитивни прашања помеѓу два наши соседа, Владата на Република Македонија секогаш ги следи интересите на државата базирани врз принципите на добрососедство и унапредување на регионалната соработка, неутралност и немешање во споровите меѓу државите, се вели во соопштението Владата на РМ, по повлекувањето на итни консултации во Белград на целиот пероснал од Амбасадата на Србија во Скопје.

- Во однос на гласањето за членство на Косово во УНЕСКО, Владата на РМ ќе ги има во предвид позициите на мнозинството земји членки на Европската Унија, се наведува во соопштението од македонската Влада.

Сите вработени од Српската амбасада во Скопје синоќа беа повикани на итни консултации во Белград, а причините за тоа не беа соопштение.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави денеска, по повод ситуацијата со Амбасадата на Србија во Македонија, дека „не станува збор за мала работа“ и оти таа имала консултации со претседателот на државата Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Таа, пред новинарите во Владатата на Србија, најави дека наскоро ќе биде лиферувано соопштение од Министерството за надворешни работи, на кое во моментов, како што рече, „заеднички се работи“.