Македонија
7. March 2016 - 16:36

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Шекеринска

Радмила Шекеринска и СДСМ во континуитет се обидуваат да ги оправдаат своите изборни порази од кој што последниот беше изразен со 200.000 гласови разлика. СДСМ очајно се обидува да најде барем еден спорен гласач на избирачкиот список и на тој начин да го ублажат поразот на 199.999 гласови разлика, наведува ВМРО-ДПМНЕ во пишаната реакција на денешната изјава на Шекеринска во Делчево.

- Единствените фантоми на политичката сцена се членовите на раководството на СДСМ кои безглаво и безидејно се обидуваат да најдат какво било алиби, за да ги одложат изборите, но и да ги зачуваат и оправдаат партиските функции во СДСМ. Впрочем за тоа колку веруваат граѓаните на СДСМ покажуваа празните улици на кои Радмила Шекеринска и нејзините сопартијци се обидуваат да остварат средби, стои во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението наведува дека „од СДСМ наместо да сеат магла и да смислуваат афери колку да имаат причина за што да зборуваат во јавноста, треба да ги впрегнат МВР и ДИК двете институции најдоговорни за прочистување на списокот, кои патем се водени од нивни истакнати кадри, што поскоро да го прочистат избирачкиот список бидејќи за тоа се скапо платени од парите на граѓаните“.

- Најдобриот аргумент кој ќе ја убеди Радмила Шекеринска во кредибилитетот на избирачкиот список ќе бидат изборите на 5 јуни, кои ќе и донесат јубилеен 10-ти катастрофален пораз, се вели меѓу другото во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.