Македонија
6. February 2018 - 21:07

Ракот е втора причина за смртност во Македонија

Секој петти смртен случај во земјава е од рак. Годишно од малигни заболувања умираат околу 4000 лица. Ова заболување е втора причина за смртност во Македонија. Најмногу случаи се регистрирани во големите градови и според експертите од Институтот за јавно здравје покрај пушењето и аерозагадувањето има влијание за постојаниот пораст на болни од карцином.

- Малигните неоплазми со учество од 20 до 25 проценти се втор причинител за смрт во развиените земји во светот веднаш по кардиоваскуларните болести. проф. д-р Елена Ќосева, Институт за јавно здравје.

Од институтот за јавно здравје се категорични дека раното откривање на карциномот ги зголемува шансите за подолг живот.

- Целта на сите нас е што помалку луѓе да развијат рак, повеќе луѓе успешно да бидат третирани и да се обезбеди подобар квалитет на животот на луѓето во текот на третманот и подоцна во животот, изјави асс.д-р Шабан Мемети, директор на Институт за јавно здравје.

Лекарите апелираат граѓаните да одат на редовни прегледи и мажите и жените да ги користат бесплатните скрининзи.