Македонија
20. September 2015 - 17:44

Работната група за договорот од Пржино има нов предизвик- До 30 септември ќе се реши судбината на ДИК

Работната група за спроведување на договорот од Пржино со нов предизвик. До 30-ти септември треба да ја реши судбината на Државната изборна комисија. Преговарачките тимови на 4-те најголеми политички партии во Македонија засилени со меѓународните претставници интензивно бараат решенија за дефинирање на изборното законодавство и прочистување на избирачкиот список. Според јунскиот договор соодветна изборна рамка треба да се донесе до 6-ти октомври. Дека изборите треба да се оддржат во согласност со договорот потенцираше и еврокомесарот Хан при посетата на Скопје.

- Сите мои партнери потврдија дека изборите треба и мора да се одржат до крајот на април, како што беше договорено. Тоа е една обврска којашто беше договорена и тие треба да се подготват во согласност со европските и меѓународни стандарди. ОБСЕ/ОДИХР, Советот на Европа се тука за да го понудат своето искуство во подготвувањето и мониторингот на овие избори. Европа е подготвена да ги искористи сите свои ресурси, човечки ресурси за да помогне во однос на изборите, но за да се направи ова важно е да се има соодветна изборна законодавна рамка и за да се донесе оваа законодавна рамка во склад со јунскиот договор при што сите политички лидери се обврзаа дека најдоцна до 6 октомври треба да има договор за содржината на нов изборен законик, изјави Хан. 

Согласност за реформирање на ДИК партиите постигнаа минатиот месец, а според договор комисијата ќе брои 9 членови. По тројца ќе предложат владата и опозицијата, а три членови ќе бидат експерти независни од партиите.