Прв триумф за Металург во ЛШ
Ракометарите на Металург ја остварија првата победа оваа сезона во Лигата на шампионите, откако синоќа во СЦ „Борис Трајковски“ го победија Спортинг Лисабон со 28:27.
Како што и најавија на прес-конференцијата пред два дена, металурзите одиграа многу борбено и ангажирано во текот на целиот натпревар и на крајот заслужено триумфираа.
Очигледна беше големата желба да се освојат првите бодови во елитното натпреварување, иако гостите од Португалија се покажаа како цврст противник, посебно во финишот на средбата кога ја загрозија победата на избраниците на Лино Червар кој по неколкудневната пауза, повторно беше на клупата на тимот од Автокоманда.
Како клучна за победата на домаќините се покажа предноста од четири гола создадена во финишот на првото полувреме кое го решија во своја полза со 17:13.
Најефикасен во победничкиот тим беше Филип Кузмановски со шест гола, еден помалку даде Давор Палевски. Голманпот Дарко Арсиќ го заврши натпреварот со 12 одбрани.
На првиот натпревар од 3.коло во Д-групата Чеховски Медведи – Бешикташ 27:29. Утре играат Монпеље – Мотор Запорожје.
Табела: Мотор Запорожје 4 бода, Монпеље 4, Бешикташ 4, Спортинг 2, Металург 2, Чеховски Медведи 0.