Ракомет
2. јуни 2016 - 15:38

Прв собир на ракометната репрезентација под водство на селекторот Лино Червар

Под водство на новиот селектор на Македонија, Лино Червар ракометната репрезентација ги почна подготовките за бараж дуелите за пласман на Светското првенство во Франција 2017 година. Противник на нашата селекција е репрезентацијата на Чешка.
Репрезентацијата е некомплетна од причина што неколку играчи имаат уште обврски кон своите екипи, а комплетирањето се очекува во понеделник. 
Червар на првиот „настап“ пред новинарите беше внимателен во изјавите: 
- Ќе ни биде тешко, но со позитивна енергија и мислење дојдов тука. Желба на сите е да ја победиме Чешка во двомечот и да се пласираме на Светското во Франција. Нема да биде лесно, но ништо не можам да гарантирам, а јас и играчите ќе дадеме се од себе. Ги гледав Чесите на последните натпревари со Австрија и затоа сметам дека мора да настапие со оптимизам и тоа да го пренесам кај играчите.
Репрезентацијата денеска ќе го има првиот тренинг во СЦ „Борис Трајковски“, а од утре ќе тренира во СРЦ „Кале“. Првиот натпревар со Чешка се игра на 11.јуни во Злин, а реваншот е на 15.јуни во Скопје.

фото: www.ekipa.mk