Свет
28. јуни 2016 - 10:32

Прв Самит на ЕУ со Британија како непосакуван дел од тимот

Попладнево во Брисел ќе започне дводневниот редовен јунски Самит на Европскиот совет на кој по 43 години членство во Европската унија, Велика Британија и нејзиниот премиер Дејвид Камерон се непосакуван гостин на масата на шефовите на државите и владите на 28-те земји-членки на Унијата поради успешниот британски референдум за излез на Обединетото Кралство од ЕУ.

 
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Камерон денеска ќе се сретне со лидерите на Европската унија за прв пат откако Велика Британија гласаше да ја напушти Унијата и ќе разговараат за последиците од гласањето на т.н. Брегзит и начинот како да се оди напред со оваа ситуација, со што во сенка паѓаат другите точки предвидени за дискусија на Самитот.
 
Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и италијанскиот премиер Матео Ренци во понеделникот истакнаа дека „не може да има формални или неформални разговори за британскиот излез во оваа фаза. Па, додека Европа се обидува да се помири со одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата, Камерон денеска ќе присуствува на работната вечера на лидерите на ЕУ, по состаноците со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Сепак, дека веќе Брисел пулсира со 27, наместо со 28 земји-членки, говори податокот што британскиот премиер нема да присуствува на разговорите меѓу лидерите на другите 27 земји-членки на ЕУ на утрешниот работен појадок во рамки на вториот ден од Самитот на Европскиот совет.
Говорејќи во понеделникот, Камерон изјави дека Велика Британија мора да ги прифати резултатите од референдумот и дека е формирана специјална единица во рамките на Владата за да се постави почетната основа за напуштање на ЕУ. Сепак, тој рече дека ќе мора неговиот наследник, кој ќе биде избран на почетокот на септември, да одлучи како ќе продолжи во однос на очекуваното формално известување на Европската унија за намерата на Велика Британија да ја напушти со повикување на членот 50 од Договорот од Лисабон .
Според правилата на ЕУ, откако тоа ќе се случи, Велика Британија ќе има две години да преговара за условите за развод од ЕУ, освен ако останатите 27 земји-членки едногласно не се согласат да го продолжат процесот. Исто така, Обединетото Кралство мора да преговара и за својата иднина во однос на трговските односи со ЕУ.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека на новата влада на Велика Британија мора да и се даде време да се подготви, но таа, исто така, рече дека процесот на напуштање на Унијата не може да се одложува на неодредено време поради стравувањата од „зараза“ за организацијата што се соочува со повеќе економски и политички предизвици. Францускиот претседател Франсоа Оланд и премиерот на Италија Матео Ренци се согласија со својот став. Токму затоа денеска во Брисел преовладува ставот дека и покрај тоа што формално е се уште полноправен член на Унијата, дека Велика Британија повеќе не е посакувана на масата на ЕУ-земјите.
Во исто време, денеска и Европскиот парламент, исто така, ќе се состане во на итна седница за да расправа за последиците од гласањето за Бргезит, каде се очекува да изгласа необврзувачки документ со поцик до Британците за „итно активирање“ на член 50 од Лисабонскиот договор со цел да започнат формалните преговори за излез на Обединетото Кралство од Унијата.