Македонија
6. September 2017 - 16:05

Промени во секторот здравство само со коалициона поддршка

Арбен Таравари без прецизен одговор дали и кога ќе се повлече од министерската функција за да  води кампања за градоначалничкото столче во Гостивар.

Доколку го напушти кабинетот ќе треба новиот предлог да го изгласаат пратениците и затоа се уште преговараат и во партијата и со коалиционите партнери. Во Алијансата за Албанците имале многу доктори и како што вели Таравари има кој да го наследи.

-Се уште разговараме, но тоа нема да биде само одлука на партијата туку на цела Влада. Ќе видиме, кога ќе донесеме одлука ќе ја соопштиме, вели Арбен Таравари, министер за здравство.

И додека во партијата бараат решение но и нов предлог за министер, Таравари денеска го промовираше новиот гинеколог кој почна да работи во поликлиниката во Шуто Оризари. Доктор Вјолца која неколку години работела во Албанија не знае македонски јазик, но според надлежните тоа нема да биде проблем во комуникацијата со пациентите.

-Таа интензивно учи македонски, разбира но ќе и помага медицинската сестра која е Македонка и нема да има проблем, вели Таравари.

-Јас сум сестра и три години работев со др. Вјолца во поликлиника Чаир, вели медицинската сестра. 

Во поликлиниката во Шуто оризари дојде и министерот без ресор Самка Ибраимовски кој најави целосно опремување на кабинетот за гинекологија со помош на донатори. Над 8 илјади жени во оваа општина со години се без гинеколошка заштита. Никој не сакаше да работи во поликлиниката а и привремените решенија беа со краток рок.