Македонија
18. January 2018 - 13:21

Проект за промоција на спортот и телесната активност кај лица со инвалидност

Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија минатата година го промовираше и започна да го спроведува проектот Change Your Mindset- Sport4Everyone во рамките на Ерасмус + спортската програма, чија цел е да се промовира потребата од спорт и телесна активност за лицата со инвалидност.

За  потсетување, проектот трае 18 месеци, од 01.01.2017 до 30.06.2018 година, а Загребачкиот спортски сојуз на лица со инвалидност е носител на проектот, во кој се вклучени седум партнери од 7 држави: Италија, Австрија, Словенија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Македонија.

Целта на овој проект е инклузија на младите лица со инвалидитет (на возраст од 15-29 години) во рекреативни спортски активности и подигнување на јавната свест за потребите од физичка активност како основа за здрав начин на живот. Телесната активност како неизоставен дел на спортот има многу позитивни влијанија на единката (лицето со инвалидитет) и општеството во целина. Вежбата не само што го подобрува телесното и менталното здравје на единката и превентивно делува на намалување на ризикот од разни болести, туку и дава можност за социјална инклузија и интеграција на лицата со инвалидност во општеството. Преку телесната активност и спортот, лицето со инвалидност може да го презентира својот талент, да го надоградува и да се спротивстави на вообичаените стереотипи за болест и неспособност со кои е секојдневно соочен.

Телесното вежбање и спортот не се резервирани само за “здравите” лица. Лицата со инвалидност исто така, ако не и повеќе од тоа, имаат потреба од телесна активност со програмиран напор и правилно дозирани физички  оптоварувања. Лицата со инвалидност, повеќе или помалку, секојдневно се изложени на долготрајно седење и физичка неактивност која ако трае подолг временски период доведува до уште поголемо намалување или потполно губење на преостанатите физички способности.

Тој “седечки” начин на живот ја условува неопходната потреба од спортување и спортската рекреација и рехабилитација со цел подобрување на аеробните капацитети, регулирање на телесната тежина и намалување на ризикот од кардио-васкуларни и респираторни заболувања.

Спортот претставува повисока фаза во еволуцијата на телесната вежба на лицата со инвалидност. Правилно одбраните спортови и дисциплини поволно делуваат на целиот организам и ја зголемуваат мускулната сила, подвижноста, еластичноста и координацијата на движењата. Спорстската активност целосно го ангажира лицето со инвалидност и ја менува неговата емоционална состојба, тоа заборава на својата инвалидност, се појавува самостојност, самодоверба и истрајност.

Желбата за победа во спортот развива колективност и другарство, а во исто време лицето се навикнува на пораз и неуспех. Преку спортот тоа стекнува доверба во своите можности, доаѓа до сознание дека не е доволно да се има рака, нога, слух или вид, туку и волја да се постигне нешто.

Спортот придонесува да се отвори кон надворешниот свет: во прва фаза во кругот на колегите, лицата со инвалидност, а подоцна и пред гледачите на натпреварите. Од друга страна тоа придонесува да се измени сваќањето на здравите луѓе дека “лицата со инвалидност се беспомошни суштества”. Денес спортистите со инвалидност можат да изведуваат извонредно тешки и комплицирани спортски активности и да постигнуваат резултати кои се мошне блиску до оние на спортистите без инвалидност.

Некои од активностите на проектот кои следат во периодот пред на се: финиширање на постапката за избор на предавачи на трклезните маси, печатење на промотивен материјал со цел поширока афирмација на проектот, набавка на спортска опрема и одржување на едукативни спортско-рекреативни активности, одржување на три тркалезни маси на 12, 13 и 14 март, со деца и млади лица со инвалидност од 15-29 годишна возраст, нивните родители, наставниците по физичко образование во основните и средните училишта, лекарите, физиотерапевтите и афирмирани спортисти на кои, секој од чинителите ќе има презентација на свој тренинг модул со кој од свој аспект ќе ја презентира потребата од телесна активност, одржување на две тркалезни маси на 15 и 16 март со носителите на одлуки на локално и национално ниво, на кои ќе се обидеме да ја претставиме потребата од подобрување на легислативата во однос на спортот на лицата со инвалидност, да поттикнеме воспоставување на програми и целосна поддршката на организациите кои се занимаваат со организирање на спортско-рекреативни активности за лицата со инвалидност, како општествена придобивка и социјална инклузија за овие лица. 

Сите овие активности ќе бидат медиски пропратени по пат на одржување на прес конференции, со медиски објави во пишани и електронски медиуми, со објавување на промотивни спотови и информации на социјалните мрежи.

Носител на проектот е Загребачкиот спортски сојуз на лица со инвалидност, а партнери во проектот се: Параолимписки комитет на Македонија како и Параолимписките комитети на Словенија, Србија и Црна Гора, како и Пингпонгарскиот сојуз на Австрија и Италија и Организација за промоција на граѓанско општество ЕЦХО.