Македонија
24. May 2017 - 11:38

Проект за научно афирмирање на Кокино одобрен од УНЕСКО за НУ Музеј Куманово

УНЕСКО го одобри проектот на НУ Музеј Куманово за научно афирмирање на локалитетот Кокино, информираа одговорните од установата кои за овој проект аплицираа минатата година преку Националната комисија за соработка со УНЕСКО, која пак е дел од Министерството за култура.

Годинава, музејот ќе организира меѓународен симпозиум, ќе публикува трудови и ќе реализира изложба на пронајдените артефакти.

- Првин планираме да организираме меѓународен симпозиум на кој ќе бидат поканети стручни лица кои се занимаваат со проблематиката на Кокино, со практикување на култни места и ритуали во праисторискиот период, изјави директорот на установата, Дејан Ѓорѓиевски.

Идејата е, објасни, симпозиумот да стане традиционален и да ги обедини истражувачите кои се занимаваат со култните места. Во рамки на проектот предвидено е да се одржи и изложба на која ќе бидат презентирани пронејдените артефакти од Кокино, пропратена со изработен каталог.

- Она што е исклучително важно е публицирањето на трудовите кои беа прочитани минатата година, посветени токму на оваа проблематика на Кокино,на обредите и ритуалите кои се практикувани, како и трудовите од астрономски аспект, изјави Ѓорѓиевски.

Публикацијата се подготвува оваа година, по што ќе следи рецензија, превод на англиски јазик за да биде достапна на меѓународната јавност, а ќе биде објавена наредната година, додека меѓународниот симпозиум планирано е да се одржи во првата недела од октомври. Донацијата од УНЕСКО е во вредност од 22.000 долари.