Македонија
30. November 2015 - 17:56

Продолжуваат разговорите за реформите во медиумите во Клубот на пратениците

Во Клубот на пратениците попладнево продолжија разговорите за реформите во медиумите од страна на претставниците на четирите политички партии, дел од работната група со посредство на белгиецот Питер Ванхауте.

Ванхауте претходно најави дека последниот рок за измени на законите од медиумската сфера требаше да е до петокот, меѓутоа тоа не се случи. Партиите се уште не постигнале договор во врска со прашањата за медиумите коишто произлегуваат од договорот од Пржино. 

ВМРО-ДПМНЕ, како што брифираат, ќе прифатат се што е во насока на либерализација, стандардизација, демократизација и отчетност, но не е подготвена да разговара за прашања коишто се во насока на затворање медиуми, зголемување казни, зголемување на државната регулација, зголемување на надлежностите на Агенцијата за медиуми и јавниот сервис... 

Нивните предлози, како што беше појаснето, се во насока на поттикнување саморегулација и подигнување на новинарските и медиумските стандарди. Се воделе од извештаите и анализите на новинарските здруженија ЗНМ и МАН, како и од препораките на Советот на Европа и ОБСЕ. 

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за финансирање на јавниот сервис е од Буџетот да се издвојува фиксирана сума која би се исплаќала на МРТ на 12 еднакви рати. Ваков предог за финансирање на јавниот сервис имаа двете новинарски здружанија ЗНМ и МАН.

Еден од предлозите е проширување на составот на Советот на МРТ со шест члена и на Агенцијата за медиуми со четири члена. Во Советот на Агенцијата да се зголеми бројот на членови од ЗНМ и МАН, да се предложи член од Комисијата за заштита од дискриминација, од Претседателот на државата, како и од верските заедници. Кандидатите за членови на овие тела да одржат јавна презентација за своите предлози пред матичната Комисија во Собранието. Доколку овој предлог не биде прифатен, предлагаат да се прифати некое од решенијата од европските земји.

Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми исто така пред граѓаните односно јавно да ги презентираат плановите за работа за годината што доаѓа, да се одржи јавна расправа и да биде презентирана пред Собранието. 

ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа зголемување на надлежностите на директорот на Агенцијата на медиуми туку смета дека дел од нив треба да се префрлат на Советот, кој пак седниците би ги пренесувал во живо на Интернет. 

Предлагаат Собранието еднаш годишно да расправа и да донесе заклучоци во врска со слободата на медиумите, а да се води според индикатори на СЕ.

ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа зголемување на глобите за медиумите кои би можеле да доведат до нивно затворање, туку смета дека тие треба да бидат во рамки на актуелниот Закон за прекршоци. 

Агенцијата за медиумите да промовира вредности на саморегулација, да ги информира граѓаните за заштитата на човековите права во однос на слободата на извразувањето и новите ИТ технологии... 

Дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се секој медиум да изготви саморегулаторен акт, кој ќе опфати теми како етика, работни стандарди, работни односи, релациите издавач - автор и.т.н... Овој акт да биде задолжителен за јавниот сервис, а комерцијалните медиуми да решат по свое убедување дали ќе имаат или не. Исто така да се дефинираат правата на новинарите по смена на сопствеништвото, доколку не се согласуваат со новата уредувачка политика. Да се воспостави механизам за жалби на граѓаните до медиумите, одговор и исправка на текст за да се зголеми процентот на вонсудски договори, задолжителна обука за вработените во јавниот сервис еднаш годишно, која би требало да важи и за комерцијалните медиуми, но да не е задолжителна.