Македонија
14. July 2017 - 15:31

Претставата „Жаба“ на Камерен театар 55“ од БиХ утре на „Охридско лето“

Со претставата „Жаба“ во изведба на „Камерен театар 55“, од Босна и Херцеговина утревечер во предворјето на црквата „Св. Софија“ почнува драмскиот дел на 57. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Претставата е на Дубравко Михановиќ во режија на Елмир Јукиќ.

Директорот на театарот, Емир Хаџихафизбеговиќ денеска на прес-конференција  истакна дека претставата е приказна за сите нас, за луѓето на денешницата, време на неразбирање, осаменост, потрага по љубовта и смислата на животот. Посочи дека претставата е направена како интимна игра која прикажува ликови што не се снаоѓаат добро во времето на транзицијата и промените.

- Претставата го дијагностицира времето во кое живееме. Ги донесува ликовите кои не се снаоѓаат во времето на транзицијата и времето на промените. Текстот ги прикажува проблемите и случувањата кои се исти или слични во Босна, Хрватска и Србија. Тоа е првенствено проблем на непостоењето комуникација и неможност да се слушне туѓото мислење, истакна Јукиќ.

За актерот Александар Сексан претставата прикажува се она на што е изложен обичниот човек. - Поради состојбата во која живееме, сите ние сме во постојана потрага на виновниците, па ги пронаоѓаме во властите, во системот, директорот на фирмата, шефот, работодавачот, тренерот, селекторот, наместо да се избориме самите за себе, рече Секан.

Текстот, според Мирсад Тука, има една убава теза, а тоа е дека секогаш во се бараме виновник, пропуштаќи сами да направиме битни промени во своите животи.

Театарската претстава „Жаба“ е прогласена за најдобра во 2004 година во Хрватска, а Михановиќ за неа ја добил престижната награда „Марин Држиќ”. Досега е изведена околу 25 пати, во земјите на поранешна Југославија, но и во светот, бидејќи е преведена и на англиски јазик.