Македонија
17. November 2015 - 16:25

Претседателот Иванов во Париз им оддаде почит на жртвите на терористичките напади

Претседателот Иванов во Париз им оддаде почит на жртвите на терористичките напади. Иванов го посети местото во близина на концертната сала „Батаклан“, каде во петокот загинаа најмногу од недолжните цивили.  Во чест на загинатите, Иванов запали свеќа и положи цвеќе заедно со стотици граѓани на Париз, кои секојдневно доаѓаат на местото на злосторството.

-Со самото наше присуство на овој Самит, укажуваме дека целта која што ја имале терористите не ја постигнаа, не не исплашија. Ние дојдовме тука да бидеме солидарни и со парижаните и со Французите, и да се соочиме со оваа нова реалност, која создава психоза и страв кај граѓаните, кај луѓето. Ова не е напад само на Париз и само на Франција, ова е напад врз целиот цивилизиран свет, уништување на сите придобивки кои се создадени со дијалог и со почитување меѓу луѓето, изјави Иванов.

Меѓу загинатите и повредените во терористичките напади, немаше македонски државјани. Претставниците на македонската дијаспора во Париз на средбата со Претседателот Иванов му ги пренесоа сведиштвата, храброста со која се соочуваат со новиот предизвик и чувствата што преовладуваат во француската престолнина по нападот на терористите од Исламската држава.

-Имаме среќна околност што ниту еден од македонските граѓани ниту е повреден, ниту бил дел од овие немили настани. Тие испраќаат пораки  до сите свои роднини во Македонија, да не се грижат за нив, дека тие се веќе подолго време тука, ги знаат сите околности и се соочуваат со сите овие предизвици што постојат, изјави Иванов.

На маргините од учеството на Претседателот на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз, Иванов се сретна со словачкиот вицепремиер и шеф на дипломатијата Мирослав Лајчак при што се разменети миселња за актуелните случува во регионот и Европа, справувањето со бегалската криза, како и можните перспективи за деблокирање на македонските европски и евроатлански интеграции, за што има целосна поддршка од Словачка.