Македонија
24. September 2017 - 16:12

Премиерот Заев не е подготвен да преговара за идентитетските прашања како што обелодени Коѕијас

Премиерот Зоран Заев лично не е подготвен за разговори околу идентитетот при решавањето на спорот со името. На средбите во Њујорк на шефовите на дипломатиите Заев вели дека не разговарале за вакви суштествени прашања. Премиерот не ги коментираше и пишувањата во грчки медиуми повикувајќи се на брифинг на Коѕијас дека во македонско-грчкиот спор се работи за името, опфатот, јазикот и народот и кратенките.

- Тоа што можам да кажам е дека на средба меѓу нашиот министер за надворешни работи продолжија разговорите за подготвка за отпочнување на разговорот во фаза која ќе биде предводена од Метју Нимиц. За ништо друго не сме разговарале освен за градење на доверба меѓу двете страни. Воопшто не е навлезено во разговори за суштествени прашања поврзани со проблемот. Грција ја посетиле еден милион наши државјани, навистина е вредно да се дадат напори за Македонија да исчекори кон евроатлантските интеграции, изјави премиерот Зоран Заев.

Коментарите се отидени премногу далеку и нема да има провокација од македонска страна,  е одговорот на премиерот Заев за пишувањата во германски медиуми, дека Македонија ќе направи отстапка во решавање на спорот и ќе го смени името на аеродромот Александар Велики. Наспроти тоа, претседателот на Владата очекува напролет нашата земја да почне преговори за членство во ЕУ.

- Идната пролет ЕУ ќе дискутира за проширување и давање шанса на земји од Западен Балкан за почеток на преговори. Ние би сакале Македонија да биде една од земјите која ќе ги почне преговорите. Сето тоа најавува, дека до тој период, до средината на 2018 година, логично и нормално е да очекуваме нови идеи од медијаторот Метју Нимиц на кои македонската и грчката страна ќе разговараат и ќе даваат свои коментари, ќе преговараат за се што е во функција на изнаоѓање решение за името, изјави Заев.

Од Њујорк Заев се вратил со порака дека се остварливи евроатлантските перспективи на Македонија. Имал триесетина средби со  светски лидери, претставници на меѓународни органзиации, биснисмени и со дијаспората кои го поздравиле напредокот на земјата.