Македонија
16. April 2017 - 13:28

Православните верници во Куманово масовно ги посетуваат храмовите

Православните верници од Куманово денеска масовно ги посетија православните храмови по повод најголемиот христијански празник - Христовото Воскресение -Велигден, денот кога Исус Христос ја докажал божествената моќ и воскреснал од мртвите.
 
Верниците оставија бојадисани јајца во црквите, се помолија за здравје, мир, благосостојба, а меѓусебе се поздравија со Христос Воскресе - Навистина Воскресе. Тие присуствуваа и на вечерната богослужба во Соборниот храм „Свети Никола“, која ја служеше митрополитот на Кумановско-осоговската епархија, г.Јосиф.
 
- Утре и задутре продолжува воскресенска богослужба, како прв и втор ден Велигден. Верниците со радост доаѓаат масовно и ги пoсетуваат храмовите,  изјави денеска свештеникот Игор Здравковски.
 
Најрадосни се децата, кои утрово одеа од куќа во куќа, го честитаа празникот за што добиваа бојадисани јајца, колачи и слатки.