Македонија
17. March 2016 - 15:13

Правобранителот изразува загриженост за одлуката на Уставниот суд

Народниот правобранител во денешната пишана реакција до медиумите изразува загриженост за донесената одлука на Уставниот суд за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, а особено можноста претседателот да помилува лица кои се гонат или се осудени за кривични дела против половата слобода и половиот морал, сторени спрема деца и малолетни лица.

- Со оваа одлука се доведува во прашање превенцијата и заштитата на слободите и правата на децата, но и се уриваат сите досега направени реформи, вклучувајќи го и регистарот на педофили, а кои имаа за цел востановување и функционирање на сеопфатен систем за ефективна заштита на децата од злоупотреби, се вели во реакцијата од Канцеларијата на народниот правобранител.

Неслучајно, како што се посочува, најдобриот интерес на детето е втемелен и е водечки во сите меѓународни и домашни акти за превенција и заштита на слободите и правата на децата.

Според народниот правобранител, во случаите кога се засегнати правата и интересите на детето, како категорија граѓани кои уживаат посебна заштита, особено поради возраста и неможноста самите да се заштитат во донесувањето на одлуките и при примената на законите, треба да се има предвид и фактот дека сторителите на дела, со кои се злоупотребуваат децата – педофилите, според истражувањата најчесто го повторуваат делото, и затоа кон нив се применуваат построги казни.

Народниот правобранител упатува апел до претседателот на државата, во чија надлежност е помилувањето, со крајна внимателност да пристапи кон ова чувствително прашање, пред се водејќи се од општествениот интерес за почитување на најдобриот интерес на детето, како и превенцијата и заштитата на идните поколенија.

- Народниот правобранител изразува загриженост од донесената Одлука на Уставниот суд, што се однесува и на можноста за помилување на лица сторители на кривични дела против изборите и гласањето. Со оглед на тоа што станува збор за фундаментално право кое треба да се остварува без притисоци, уцени и закани, санкционирањето на делата против изборите трба да оди во правец на јакнење, а не на слабеење на институциите и владеењето на правото, се додава во соопштението.

Според народниот правобранител само со остварување на избирачкото право на еднаков начин на општи, непосредни и слободни избори се добива неспорен и реален легитимитет.