Македонија
18. May 2016 - 16:03

Пратениците се враќаат во парламентот- Уставен ја усвои иницијативата на ДУИ

Уставниот суд времено ги запре сите изборни дејствија. На денешната седница судиите едногласно одлучија да поведат постапка за испитување на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието, по иницијативата поднесена од пратеникот на ДУИ, Талат Џафери. Со оваа одлука се стопираат сите дејствија вклучувајќи ја и одлуката за распишување избори на 5 јуни и изборните дејствија што ги превзема Државната изборна комисија. Мерката е времена и ќе важи се до носењето на конечната одлука која според најавите Уставен суд ќе ја донесе за една недела.

Претседателката Елена Гошева, утрово рече дека и покрај тоа што Уставниот суд не е надлежен да расправа за поединечни акти, сепак таа ќе дозволи преседан во работењето на судот сега, но не и во иднина, бидејќи според нејзе се работи за државен интерес, политичката криза трае предолго, а работата на голем број државни органи е блокирана. Гошева појасни дека ова не е прва отстапка на Уставен. Преседан бил направен и во 2001-та кога судот го укинал договорот за изградба на нафтовод со Грција оценувајќи го како штетен за државата.

Со истото образложение пак, Уставниот суд пред три месеци ја отфрли иницијативата за преиспитување на одлуката за распуштање на Собранието која ја поднесоа Павле Трајанов и Тодор Петров. Вчера од судот појаснија дека предлогот на Талат Џафери има нови елементи кои судиите дополнително ќе ги анализираат. Што содржи новиот предлог најверојатно ќе биде познато на следната седница.

Решението на Уставниот суд уште денес ќе биде објавено во Службен весник и ќе биде испратено до сите надлежни државни институции.