Македонија
20. September 2016 - 15:00

Пратениците расправаат за Педлог-закон за вработување 100 најдобри завршени студенти

Пратениците ја почнаа расправата за Предлог-законот за вработување сто најдобри дипломирани студенти од јавните универзитети во Република Македонија, во прво читање. Поднесен е од Министерството за информатичко општество и администрација со цел институциите од јавниот сектор во иднина континуирано да добиваат кадар од најдобрите дипломирани во различни области.

Предлогот предвидува вработување сто лица кои студиите ги завршиле со просечна оценка од најмалку 9.5 на еден од петте најдоброрангирани јавни високообразовни установи во Република Македонија. Утврдени се условите (основни и дополнителни) и се уредува постапката за вработување на стоте најдобри дипломирани студенти која ќе почне со објавување јавен оглас, по кој ќе биде избран најдобриот кандидат за работното место и тој ќе заснова работен однос со институцијата на јавниот сектор.

Пратениците од владејачкото мнозинство во дискусијата истакнаа дека се работи за закон со кој јавниот сектор ќе добива квалитетен кадар, а е мотивирачки и затоа што ќе ги поттикне студентите да учат и да се натпреваруваат. 

Опозициските пратеници, пак, сметаат дека предлогот е популистички и дискриминаторски и прашуваа зошто сега, пред избори, власта сака да донесе закон за најдобрите дипломирани. 

Милева Ѓорѓиева од СДСМ праша која е суштината на предлог-законот и смета дека со него се повредува член во Уставот според кој секој треба да има еднакви услови за вработување. 

Независната пратеничка Солза Грчева рече дека не е спорна целисходноста на законот, туку критериумите за избор. Според неа, спорно е националното рангирање на универзитетите кое, како што рече, се прави по локални индикатори кои можат да бидат манипулирани.

Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ не се согласува дека предлогот е во спротивност со Уставот, туку дека е обид за позитивна селекција. Подвлече дека законот нема да важи само во оваа Влада, туку и во иднина - за други влади и парламенти. 

Неговиот сопартиец Драган Данев нагласи дека  законот ќе овозможи сигурност во вработувањето на најдобрите студенти и дека тоа е неговата суштина. На обвинувањата дека предлогот е популизам пред избори, Данев реплицираше дека она што го ветува ВМРО-ДПМНЕ го реализира независно во кој период, спомнувајќи притоа и други проекти на оваа власт наменети за студентите, како реновирање и изградба на нови студентски домови, намалена партиципација за студии, дисперзирани студии во местата на живеење, согласности за вработувања на УКИМ итн.

Шпреса Хадри од ДУИ смета дека на предлог-законот му се потребни измени во критериумите за да не се повреди правичната застапеност на етничките заедници при вработување во јавиот сектор а, пак, Беким Фазлиу од ДПА побара Владата да го повлече предлогот затоа што ги дискриминира Албанците. 

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски претставувајќи го Предлог-законот истакна дека тој се заснова на начелата на транспарентност и конкурентност на постапката на селекција и дека промовира нови критериуми кои понатаму ќе го подобруваат јавниот сектор. 

Предлогот предвидува Владата најдоцна до 15 јули во тековната година да донесува одлука за објавување јавен оглас за вработување на најдобрите студенти кои студиите ги завршиле во периодот од 15 јули во претходната година до денот на објавување на огласот, како и одлука со која ќе ги утврди приоритетните научни подрачја со број на вработени од секое научно подрачје. За изборот ќе решава Комисија за селекција.

Распределбата на најдобрите студенти, според Предлог-законот, се врши согласно со рангот на јавната високообразовна установа на последната објавена официјална ранг-листа на јавни високообразовни установи во Република Македонија. Така што, 30 од 100-те треба да бидат најдобрите студенти од прворангираната високообразовна установа; 25 најдобри студенти од второрангираната, 20 од третата, 15 најдобри од четврторангираната и 10 најдобри студенти од петторангираната високообразовна установа.

Собраниската расправа ќе продолжи по редовната пауза.