Македонија
13. February 2016 - 17:06

Потпретседателот на ЕП за Сител вели дека на ЕУ и е потребна стабилна Македонија поради мигрантската криза, затоа треба избори на 24 април

Поради мигрантската криза, на Европската Унија како никогаш до сега и потребна стабилна власт во Македонија - затоа треба да се одржат избори на 24 април, вели во интервју за Сител потпретседателот на Европскиот Парламаент, Антонио Тајани.

- Ни треба стабилност на Балканот, затоа што миграцијата и тероризмот се двете најважни точки за Европа. Затоа е важна и вашата стабилност. Не само за вашата земја туку и за нас. Мислам дека е подобро да имате нова влада. Според мене важно е да има избори на 24 април, рече потпретседателот на Европскиот Парламент.

Тајани, кој во исто време е и потпретседател на Европската Народна Партија која има мнозинство во Европскиот парламент, во интервјуто за Сител потенцираше дека во моментов е исполнет главниот услов за одржување на избори во Април.

- Знам дека министерот за внатрешни работи е од СДСМ. Министерството за внатрешни работи е најважно за организирање на изборите. За мене не постои проблем да има избори на 24 април.

Пред да влезе во политиката, потпретседателот на Европскиот Парламент бил новинар, вели дека не може ги разбере барањата на СДСМ и на преговарачот Питер Ванхауте на новинарите да им се забрани да ги кажуваат своите мислења а на медиумите со закон да им се наметнува уредувачка политика.

- Важно е јавниот сервис да биде неутрален, но, приватна телевизија е приватна телевизија – можно е телевизијата да известува во полза на едната или во полза на другата партија. Тоа е приватна телевизија. Според мене, запирањето на слободата на медиумите е грешка. По договорот кој беше потпишан вчера од најважните медиуми во скопје, можно е во следниот месец, за време на изборната кампања да биде многу подобро. Тоа е важен чекор за добра ситуација, oдговори Тајани запрашан за предлозите за цензура на СДСМ и Ванхауте.

ВМРО-ДПМНЕ ја има целосната поддршка од Европската Народна Партија, а Македонија покажува позитивни економски резултати откако оваа партија е на власт.

- Растот е добар во вашата земја, многу подобар од растот во некои eвропски земји. Единствениот проблем е невработеноста на младите, но, ситуацијата денес е подобра од пред 3,4 или 5 години. Ако сакате повеќе инвестиции мислам дека е важно да имате политичка стабилност. За европските инвеститори тешко е да работат и инвестираат без политичка стабилност, изјави Тајани.

Антонио Тајани потекнува од италијанската партија “Форца Италија“, на Силвио  Берлускони. Потпретседателот на Европскиот парламент и ЕПП, во својата кариера бил и Европски Комесар за индустрија и претприемништво.