Македонија
27. February 2016 - 16:05

Поставен камен темелникот на крстот на влезот од општина Бутел

Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан со свештеници од Скопската епархија денеска го осветија камен-темелникот на крстот во Бутел, на кружниот тек кај улиците „Боца Иванова“ и „Александар Урдаревски“.

Архиепископот охридски и македонски рече дека со денешниот чин ќе биде означено уште едно место на кое ќе се вишне христијанскиот знак, кој не е знак против никого, туку за секого.

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, кој е иницијатор за изградбата, посочи дека крстот не е конспирација или провокација против никого, туку е нераскинлив дел од културата и историјата на Македонија.

Новиот голем крст треба да биде реплика на тој што од пред две години е поставен во општината Аеродром. Освен тоа што ќе биде висок 51 метар, ќе има ширина од 4 метри, со распон на краците од 34 метри, врз постамент од 5,5 метри и фрески на дванаесетте свети апостоли.

Изработката на проектната документација, како и трошоците за поставување и изведување на крстот е донација од правни и физички лица. По изградбата, која треба да заврши најкасно за два месеци, крстот ќе биде предаден во сопственост на општината Бутел.