Македонија
20. September 2016 - 17:37

Попоски: Неопходни се долгорочни решенија за справување со причините за мигрантската криза

Ако краткорочното справување со мигрантската криза подразбира успешно менаџирање на границите и обезбедување хуман третман на мигрантите, долгорочното справување подразбира решавање на темелните проблеми дома, во земјите извор на мигрантските бранови. Тоа значи создавање на квалитетен образовен систем, можности за вработување, квалитетно здравство, инфраструктура, подобрување на квалитетот на животот итн. Ако луѓето се чувствуваат среќни дома, поретко би се одлучиле да мигрираат.

Како што соопшти МНР, ова го истакна вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски во неговото обраќање на тематската сесија за причините за миграција во рамки на Самитот за справување со големите движења на бегалци и мигранти на отворањето на 71-та сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации.

- Агендата 2030 за одржливи развојни цели, како и Парискиот договор за климатски промени нудат можности за адресирање на различните аспекти на причините за миграцијата, истакна Попоски.

Тој, исто така, се наведува, изрази поддршка за создавање Глобален договор за безбедна и регулирана миграција во рамките на Обединетите Нации. Додаде дека справувањето со причините за миграцијата подразбира лидерство и партнерство помеѓу меѓународните организации и институциите и помеѓу земјите-членки, посветеност за ефективен и ефикасен пристап кон проблематиката и активна вклученост.

Мигрантската криза беше предмет и на работниот состанок на министрите за надворешни работи на државите од Западен Балкан во организација на австрискиот шеф на дипломатијата Себастијан Курц, на кој присуствуваше и еврокомесарот Јоханес Хан. На состанокот се разговараше и за евроинтегративниот процес на државите-кандидати, борбата против тероризмот и потребата од превенција од насилен радикализам.

Попоски  присуствуавше и на средбите на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск и со премиерот на Норвешка, Ерна Солберг, се наведува во соопштението од МНР.